14 November 2017

Слободна врска

Жено моја со коси како дрво кога гори
Со мисли како молњи во горештина
Со половина на песочен часовник
Жено моја со половина на видра меѓу забите на тигарот
Жено моја со уста како значка и како китка најситни ѕвезди
Со заби како траги на бел глушец врз бела земја
Со јазик од килибар и од рапаво стакло
Жено моја со јазик од обесветена причесна
Со јазик на кукла што ги отвора и ги затвора очите
Со јазик од неверојатен камен
Жено моја со трепки како цртички од тетратките на првачињата
Со веѓи како рабови од ластовичко гнездо
Жено моја со слепоочни длапки од лискавица од покривот на стаклените бавчи
И од измаглина врз прозорците
Жено моја со рамена како шампањско
И како фонтана со глави на делфини под мраз
Жено моја со зглавки како зрна кибрит
Жено моја со прсти од случај и кец херц
Со прсти од покосено сено
Жено моја со мишки како иванденска ноќ
Како козјо грозје и како гнездо на рипки од аквариум
Со раце од пена на морски брег и крај брани
И од смеса на жито и на воденички камен
Жено моја со нозе како вретена
Со движења на часовник и на безнадежност
Жено моја со ножни листови од срцевина на боз
Жено моја со стапала како почетните букви по старите книги
Со стапала како врзоп клучеви фрлен крај бродските мајстори што пијат

Жено моја со врат од неизлупен јачмен
Жено моја со грло како Златна долина
Како состанок дури и во коритото на поројот
Со дојки од ноќ
Жено моја со дојки како морски кртечини
Жено моја со дојки како посатки од рубин
Со дојки како привиденија на ружи под роса
Жено моја со стомак како ширење на ладалото на деновите
Со стомак како џиновска канџа
Жено моја со грб на птица која полетува вертикално
Со грб од живо сребро
Со грб од светлина
Со тил од измазнет камен и од навлажена креда
Со тил како пад на чаша од која штотуку е испиен пијалакот
Жено моја со бедра како чун
Со бедра од сјај и од перки на стрели
И од пердуви на бел паун
Како неподвижна терезија
Жено моја со задник од песочник и од азбест
Жено моја со задник како грб на лебед
Жено моја со задник како пролет
Со секс од перуника
Жено моја со секс од златно наоѓалиште и од австралиски клунар
Жено моја со секс од алги и од старовременски бонбони
Жено моја со секс од огледало
Жено моја со очи полни солзи
Со очи како виолетова збирка на оружје и како магнетна игла
Жено моја со очи на савани
Жено моја со очи како вода подадена на затвореник
Жено моја со очи на шума секогаш под закана на секирата
Со очи како либела во која се урамнотежуваат водата воздухот земјата и огнот
Андре Бретон

09 November 2017

Кловн

Еден ден.
Еден ден, можеби наскоро.
Еден ден ќе ја искорнам котвата што го држи мојот брод далеку од морињата.
Со оној вид храброст што треба да се има за да се биде ништо и ништо друго освен ништо, јас ќе оставам се што се чинело дека ми било неразделно блиско.
Ќе го пресечам, ќе го пресвртам, ќе го скинам, ќе го парчосам.
На еден здив ќе ги изблујам мојата бедна срамежливост, моите бедни замисли и врски во кои малку по малку сум се заплеткувал.
Испразнет од израстокот што потекнува од желбата да се биде некој, јас одново ќе пијам од хранливиот простор.
Со подбивни удари, со соборувања од престолот (што е тоа соборување од престол?), со прасок, со празнина, со потполно растурање-исмејување- чистење ќе го исфрлам од мене обликот за кој се верувало дека е толку добор прицврстен, направен, ускладен, подреден според мојата околина и според моите блиски, моите толку почитувани, толку почитувани блиски.
Ќе бидам свесен на понизност каква што се среќава по катастрофи, на потполна зарамнетост како по некој силен страв.
Спуштен, пониско од најниската мера, до моето вистинско скалило, до најниското скалило што сум го напуштил воден од не знам повеќе каква мисла - славољубивост.
Уништен во однос на височината, во однос на почитта.
Изгубен (или дури ни тоа) некаде далеку, без име, без идентитет.
Како КЛОВН што со подбивност, со искривоколченоста, со прснувањето во смеа ја уништува смислата која јас сум ја создал, наспроти секаква разумност, за мојата важност.
Ќе се нурнам.
Без грош во долниот дух-бескрајност отворен за сите,
отворен и самиот за една нова и неверојатна роса,
со согласност да бидам никој
и низок...
и смешен...
Анри Мишо

06 November 2017

Љубовна песна

Еве од што е составена симфониската песна на љубовта
Постои во неа песната на љубовта од дамнешни времиња
Шумот на жестоките бакнежи на славните љубовници
Љубовните крикови на смртничките силувани од богови
Машките знаци на легендарните херои кренати како противавионски топови
Неприродното виење на Јасон
И победничката химна што првите знаци на сонцето ја предизвикува
како пеење на неподвижниот Мемнон
Постои тука крикот на Сабињанките во мигот на грабнувањето
Постојат исто така љубовните крикови на ѕверовите во џунглите
Тајниот шум на сокот што се искачува во тропските билки
Грмењето на артилериите што ја исполнуваат ужасната љубов на народите
Брановите на морето во кои се раѓаат животот и убавината

Постои тука песна на сета љубов на светот
Гијом Аполинер

Месечината

Ја симнувам месечината и ја
ставам во чаша со вода
водата испарува џуџињата
излегуваат мојата сакана спие
гола сосема гола
џуџињата се насекаде низ собата
толку многу се
таа се буди
таа ја зема чашата
таа пие

Еден несреќен случај во кој
месечината е проголтана

Не постои повеќе месечина
мојата сакана е девојка со
месечина во утробата
Ивица Антески
(песната е првпат објавена во мојата збирка „Облаци или пена за бричење“, 2001)

12 October 2017

Моја многу драга мала Лу...

Моја многу драга мала Лу ја те сакам
Моја драга мала растреперена ѕвездо јас те сакам
Тело извонредно прекршливо јас те сакам
Сексу што се стегаш како оревокршачка јас те сакам
Лева дојко толку розова толку дрска јас те сакам
Десна пупко со боја на шампањско јас те сакам
Десна пупко со боја на шампањско јас те сакам
Лева пупко што прилегаш на издаденоста врз челото на малото теле штотуку родено јас те сакам
Усни на сексотпремногу развиени од твоите чести допири јас ве сакам
Заднику прекрасно подвижен што се отфрлаш мошне наназад јас те сакам
Папоку сличен на шуплива и темна месечина јас те сакам
Грмушко светла како шума зиме јас те сакам
Мишки мовести како лебед кој штотуку се испилил јас ве сакам
Заокругленост на рамената прекрасно чиста јас те сакам
Бедро со линија исто толку естетска како што е столб од некој антички храм јас те сакам
Уши извиткани како мали мексикански украси јас ве сакам
Косо потопена во крвта на љубовта јас те сакам
Нозе умни нозе што се затегнувате јас ве сакам
Слабини јавачки слабини моќни јас ве сакам
половино што никогаш не си го запознала корсетот половино вита јас те сакам
Плеќи прекрасно градени што сте се веднеле заради мене јас ве сакам
Уста о мое задоволство о мој нектару јас те сакам
Погледу единствен погледу-ѕвездо јас те сакам
Раце чии движења ги обожавам јас ве сакам
Носу особено благороден јас те сакам
Оду разбрануван и игрив јас те сакам
О мала Лу јас те сакам те сакам те сакам
Гијом Аполинер

26 November 2015

Сè е вистина

О јас, човек со лабава верба толку долго!
Стоејќи отстрана - одречувајќи го својот удел толку долго;
Само денеска свесен за збиената, сегдераспослана вистина;
Откривајќи денес дека не постои лага, ни облик на лага, и дека не може да ја има туку дека и таа расте неминовно од себе како што тоа го чини и вистината,
Или како секој закон на земјава, или како што тоа го чини секое природно создавање на земјава.

(Ова е необично и може да не биде сфатено веднаш - Но мора да биде сфатено;
Јас чувствувам во себе дека ги претставувам измислиците еднакво како и останатите,
И дека вселенат тоа го чини).

Каде пропаднала некоја совршена вратка, рамнодушна на лага или на вистина?
Да не е таа на земјава, или во водата ил огнот? или во духот човечки? или во месото и крвта?

Медитирајќи меѓу лажливци, и повлекувајќи се неумоливо во себе, јас гледам после сè дека не постојат навистина лажливци ни лаги,
И дека сè си има своја совршена вратка - И она за што се вели дека е лага е совршена вратка,
И дека секое нешто точно се претставува себеси, и она што му претходело,
И дека вистината вклучува сè и таа е збиена, токму колку шти е збиен и просторот,
И дека не постои пукнатина или вакуум во целокупната вистина - туку дека сè е вистина без исклучок;
Па отсега јас ќе појдам да славам сè што гледам или сум,
Ќе пејам и ќе се смејам, и нема да одречувам ништо.
Волт Витмен

25 October 2015

Една ноќ...

една ноќ девојката е видена како отклучува врата за да влезе во огледалото по нејзиниот врат се спушта водопадот од погледи и таа не знае дали да ја сврти главата на север таа е заробена во своето тело кое се вжештува како сонце една ноќ девојката го премолчува шепотот и ме допира со прстите таа е забележана како бега во темнината со мојот кардиоваскуларен систем во ташната се потпира на ѕид го откопчува последното копче на кошулата видена е газела како ги прескокнува формалностите и виден е тигар што ритуално и се приближува една ноќ девојката се збогува со своите љубовници но видена е како мене ми посакува добро утро ги крева градите додека вдишува косата и паѓа во слапови преку грбот некој слушнал како прашувам за нејзиното име


сум го отворал капакот на окото една капка пот се создавала на челото еден атом воздух се проврел низ маичката таа добила желба за насмевка јас сум и ги погледнал ноктите музичарот направил безлична гримаса во чашата паднала кикиритка нашите погледи се сретнале на прозорецот удрила гранка случајно свиткана од минувач пивото во шанкот изврило петденарка паднала под масата и ќе биде пронајдена по неколку дена од друг човек таа погледнала во огледалото додека се прашувала што сум видел додека сум ја гледал


некој пријавил дека тишината е скршена и дека може да ја поправи само нејзиниот поглед некој обвинил дека несреќата не светот е обвиткана со фотокопирани отисоци на нејзините одбивања зборувал дека телото и го придржуваат со стапчиња од цимет некој соборил рекорд во размислување за нејзините зборови и во откривањето на малите знаци скриени во очите некој и зборувал долго за да и објасни нешта за кои зборовите само го заматуваат сознанието и изговарал гласови со мистично значење како да и фрла магија некој пред сите и признал тајна некој ја слушал како што се слуша шумот на празните радиофреквенции некој и ги гледал усните без да сфати што значат

Ивица Антески