17 September 2015

урбана афродита

кога те прашувам
како си тоа е за
твоите рамења тешки
како музика а кога
ти велам дека не сме се
виделе предолго мислам
на твоите уснички
испапчени како неотворена
бомбона мојата констатација
дека си ослабела е за
твојот врат од кој ми трнат усните и мојата
забелешка дека си
сменила фризура е поради
газето толку нежно и
посакувано поканата на
кафе е поради стомачето
и нежните влакненца на него
а проверката на мобилниот
запомнување на твоите прстиња
што би ги бакнувал
додека мижиш земјотресно

ништо од тој банален разговор
не е како што изгледа
дури ни ти во таа сцена
не си сосема обична
урбана афродито
Ивица Антески

No comments:

Post a Comment