07 April 2018

Синиот џин се тетерави

Фактот дека некоја агенција како Кембриџ Аналитика собирала информации за навиките на корисниците не е откровение и најверојатно нема да го нокаутира Фејсбук. Она што шокира е откритието дека интернет се користи како алатка за манипулација и контрола на свеста. 


Постои во човечката природа една особина што секогаш одново и одново ги изненадува луѓето. Моралистите, во својата бескрајна верба во идеалниот човек, се запрепастени кога ќе видат како секој од нас е спремен да ги напушти принципите тогаш кога тоа му одговара. За што зборувам? За Фејсбук корисниците. Но, да одиме по ред!

Првите социјални мрежи што ги користев беа MySpace и Hi5… Додуша, не ги користев: само отворив профил и до ден денес не знам која беше причината. Се сеќава некој на овие социјални мрежи? Тоа се одамна мртви сервиси и тешко дека некој очекува да оживеат.

Неодамна и Стивен Колбер во своето шоу ги потсети гледачите на MySpace. Причината беше мега-аферата со Кембриџ Аналитика и нивната злоупотреба на приватните информации на Фејсбук корисниците.

Имам чувство како целата светска јавност воајеристички и сеирџиски да го очекува моментот кога овој џин ќе се струполи. За тоа веќе постојат и реални индикации: вредноста на акциите на Фејсбук безглаво паѓаат. Џинот се тетерави.

Фејсбук е на огласувачите 

Сепак, јас не очекувам нок-даун, уште помалку нокаут. Еве зошто!

Фејсбук своите услуги ги нуди бесплатно. Барем така им изгледа тоа на корисниците. На познавачите им е јасно дека оваа бесплатност е само илузија. Погрешно е размислувањето дека клиенти на Фејсбук се индивидуалните корисници. Исто онака како што е погрешно размислувањето дека клиенти на современите медиуми се читателите/гледачите.

Оној што сфаќа како функционираат овие медиуми, знае дека вистински клиенти се огласувачите. Читателите/гледачите и индивидуалните корисници на Фејсбук се всушност производот што им се продава на клиентите.

Поради тоа, ако Фејсбук треба да стрепи од нешто – тоа е моментот кога огласувачите ќе му свртат грб. Тие се оние кои може да го зададат решавачкиот удар што ќе резултира со нок-даун.

Многу малку е веројатно огласувачите да се свртат против Фејсбук. Зошто би оделе против оваа алатка која толку добро им служи? Зошто некој би сакал да ја исече гранката на која седи?

Бегството не е решение 

Од друга страна, не гледам ни дека индивидуалните корисници масовно го напуштаат Фејсбук. Секако, постојат островчиња отпор овде и таму. Мали групички моралисти решаваат да ја напуштат оваа социјална мрежа, меѓутоа и самите сфаќаат дека нема каде да одат. Никој не гарантира дека и евентуалниот избор на друг сервис нема да им донесе слично искуство. Бегството не е решение. Регулацијата е!

Мора да сфатиме дека оние што решаваат да останат не го прават тоа од мрзливост или затоа што се малоумни. Луѓето знаат дека Фејсбук, Гугл и скоро сите други онлајн сервиси собираат информации за нивните навики. Доволно е зборувано и секоја нова генерација корисници е сѐ посвесна за нивните практики.

Финтата е што на луѓето тоа не им е важно. Фактот дека некоја агенција како Кембриџ Аналитика собирала информации за нивните онлајн навики и ставови за нив не е откровение. Впрочем, многумина од нас, ако некој тоа го побара, и доброволно ќе ги дадат тие информации.

Токму поради тоа јас не верувам дека луѓето ќе се откажат од сето она што Фејсбук им го нуди бесплатно.

Откровението за Големиот брат 

Меѓутоа, постои една непријатност. Она што шокира и што е причина за загриженоста е фактот дека оваа афера откри колку е интернет моќна алатка за манипулација и контрола на свеста.

Фејсбук најверојатно ќе се тетерави уште долго, но потресот се случи и без џинот да падне. Дебатите се отворени. Луѓето размислуваат, поставуваат прашања…

Сѐ уште нема одговори на сите нив, но што и да се случи – тоа ќе се одрази на начинот на кој ќе го користиме интернет, комуникациските технологии и социјалните мрежи во наредниве декади.

No comments:

Post a Comment