Облаци или пена за бричење (2001)


Облаци или пена за бричење/ Ивица Антески - Скопје, Макавеј, 2001. - 88 стр. ; 22 см -
ISBN 9989-922-14-4







Мигови

На моето долго чело слетуваат
миговите кога те држев нежно
во стиснатата тупаница на љубовта
слетуваат миговите кога те
држев нежно во стиснатата
тупаница на љубовта
По телото ти лизгаа бакнежите
за кои дури сега станувам
свесен после толку поминато време

О луѓе ве молам запрете ги
тие жешки мигови што слетуваат
на моето чело

Ме посетуваат вселенските бродови
полни со дрвја со цвеќе со лисје
од кои би можело да се
направат безброј тела слични
на твоето но јас никогаш
не би можел да ги бакнувам
така како што го бакнував
твоето никогаш не би можел
да ги бакнувам така како што
го бакнував твоето никогаш


Водење љубов

Кога се води љубов предвид
мора да се земат светлечките
содржини на ѕвездите мора
секој љубовник да им персира
на месечината и на оние
тенки нишки што ги
создаваат штурењата на штурците

Водењето љубов е една благородна
наука што се изучува во
самотија


Месечината

Ја симнувам месечината и ја
ставам во чаша со вода
водата испарува џуџињата
излегуваат мојата сакана спие
гола сосема гола
џуџињата се насекаде низ собата
толку многу се
таа се буди
таа ја зема чашата
таа пие

Еден несреќен случај во кој
месечината е проголтана

Не постои повеќе месечина
мојата сакана е девојка со
месечина во утробата

No comments:

Post a Comment